На почетокот на традиционалната 13-та по ред Конференција за применети Интернет и информатички технологии AIIT 2023, продеканката за наука и соработка проф. д-р Костандина Вељановска во улога на претседавач со Конференцијата, се заблагодари за присуството на гостите, посебно на гостите од Технички Факултет „Михајло Пупин“ од Зрењанин, кои доаѓаат од коорганизаторот-партнер Универзитет во Нови Сад, Република Србија. Искажана беше благодарност и до рецензентите на трудовите кои со своите вредни коментари и сугестии придонесоа за подобрување на трудовите и селекција на 51 труд од вкупно над 60 поднесени. Таа посака успешна конференција, плодна размена на искуства и пријатен престој и дружење со колегите научници.

Од името на сите вработени на коорганизаторот Технички Факултет „Михајло Пупин“ од Зрењанин, проф. д-р Елеонора Бртка, како ко-претседавач на Конференцијата, изрази благодарност до домаќинот – Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, ѝ рече дека во голем број дојдоа од Зрењанин да присуствуаат на конференцијата и се радуваат што ќе присуствуаат на излагањето на трудовите кои обработуваат многу интересни и иновативни теми во областите што ги опфаќа конференцијата.

Проректорката ред. проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска изјави дека е многу значајно што како резултат на постојана научна работа ФИКТ ја организира оваа традиционална конференција на која покрај научниот дел, се обрнува внимание и на соработката со општествената заедница преку организирање на тркалезна маса со цел зајакнување на стратегиските капацитети на ФИКТ за продлабочување на соработката со компаниите од ИТ индистријата, со крајна цел да се подигни квалитетот на кадарот што го произведува Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Деканот на ФИКТ ред. проф. д-р Благој Ристевски отворајќи ја 13-тата Конференција за применети Интернет и информатички технологии AIIT 2023, која оваа година ја организира ФИКТ – Битола во коорганизација со Техничкиот Факултет „Михајло Пупин“ од Зрењанин и ги поздрави присутните гости и авторите од повеќе земји и над 10 универзитети, чија цел е преку презентирање на најновите научни достигнувања од областа на информациските и компјутерските науки и применетите Интернет и информатички технологии да ги разменат нивните искуства, знаења и научни достигнувања. Како претседател на програмскиот одбор, ред. проф. д-р Ристевски им се заблагодари на рецензентите кои во изминатите неколку месеци внимателно ги рецензираа пристигнатите трудови и ги избраа најдобрите трудови да бидат прифатени и презентирани на конференцијата, а на сите присутни им посака успешна конференција.