Прв академски час на ФИКТ – Битола во новата академска 2023/2024 година
Централниот настан по повод почетокот на новата академска година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.
Деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски посакувајќи му среќен почеток на академската година и поздравувајќи ги студентите кои зачекоруваат во нова, академска средина, изрази задоволство што оваа година, 10-тата генерација на студенти кои се запишаа на ФИКТ од неговото формирање, да е најбројна споредено со претходните 6 години, а во исто време, за прв пат бројот на запишани студенти во прва година на прв циклус студии на ФИКТ да е најголем споредено со останатите факултети и единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Деканот проф. д-р Ристевски истакна дека целта на професорите на ФИКТ е да им пренесат знаења на студентите кои ќе конвергираат во заедничка цел – да се оформат студентите како дипломирани ИКТ инженери и дипломирани информатичари, затоа што дипломиран инженер по информатички науки и комуникациско инженерство и информатичар не може да се стане со посетување на кратки курсови или обуки во траење од 3 или 6 месеци.
Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски на новата генерација студенти им посака срдечно добредојде на првиот и засега единствен македонски европски универзитет, бидејќи УКЛО од 1 јануари 2024 г. е дел од Европската универзитетска алијанса COLOURS, заедно со уште осум универзитети, со кои ќе се споделуваат и предмети и настава. Според ректорот, тоа претставува исклучителна поволност што ќе ги намалува бариерите за едукација за сите чинители низ регионите на Европа.
Свеченоста за студентите ја следеа претседателот на Универзитетскиот Сенат проф. д-р Николче Јанкуловски, професорите и градоначалници на Битола и Новаци, Тони Коњановски и Стевче Стевановски.
Честитки и успешни студии до сите студенти на УКЛО упати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој се осврна кон напорите кои Општина Битола и УКЛО взаемно ги обезбедуваат за подобри услови за студентите и нивно вклучување во општествениот живот.