На 12 и 13 мај на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола (ФИКТ) се одржа првиот Хакатон – маратон во програмирање на тема Здрава околина на кој учествуваа 20-тина учесници поделени во осум тимови.
На отворањето присутните ги поздрави проректорката на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски и продеканката за наука и соработка проф. д-р Костандина Вељановска која беше одговорна за спроведувањето на настанот.
Во оценувањето на проектите беа вклучени професори од ФИКТ и претставници на компаниите од ИТ индустријата, кои го поддржаа овој настан: Cosmic Development, Seavus, IW Connect, Netcetera, и iSource. Наградите за победниците беа во форма на подароци и ваучери за вредни обуки во нивните центри за едукција.
На Хакатонот беа доделени неколку награди. Првата награда ја освои Златко Марковски за проект Паметна Битола составен од два дела Паметни паркинзи и Паметен парк. Втората награда ја освои тим составен од четворица студенти: Андреј Стевановски, Димитар Велјановски, Петар Ралевски и Давор Николоски. Проектот наречен Зелена Оаза се состоеше од веб апликација во форма на социјална мрежа наменета за организирање на настани во природа. Третата награда ја освои Стефан Најдовски за проектот Foundation API осмислен како подлога врз која програмерите можат да креираат апликации и веб страни, со сервиси корисни за известување, пронаоѓање и процесирање на податоци за околината околу нас.
Исто така, беше доделена награда за најоригинална идеја за тимот составен од пет студенти кој во својот проект за веб страна со иновативни идеи поврзани со темата на Хакатонот креира едукативна игра за Здрава околина. Тимот беше во состав: Илчо Јанкуловски, Андреа Павлевска, Кристина Петровска, Магдалена Апостоловска, Кирил Секуловски.
Студентите учесници изјавија дека ова беше убаво искуство за нив и дека сакаат да се вклучат повторно во некој иден натпревар.